ОПШТИНА ПИОНЕР ВО КРЕИРАЊЕ НА БУЏЕТ ОД РОДОВ АСПЕКТ

10.09.2015 год

Родовото буџетирање е примена на политиката на вклучување на родовите аспекти во буџетскиот процес.Тоа подразбира проценка на буџетите базирана врз родовите аспекти, вметнување на родовата перспектива на сите нивоа од буџетскиот процес и преструктуирање на приходите и трошоците со цел да се промовира родовата еднаквост. Во текот на 2008-2010години, Општина Битола беше една од пилот општините поддржана од страна на УНИФЕМ во насока на промоција на употребата на родовото одговорно буџетирање. Општината Битола со буџетот во 2011 година беше пионер во креирање на буџетот од родов аспект, за таа цел беа предвидени средства во расходниот дел на буџетот на Општината Битола кои се предвидуваат континуирано секоја година.


Виолета Налевска Координаторка за еднакви можности - Општина Битола

ИСКУСТВО ОД СТУДИСКАТА ПОСЕТА НА ИСЛАНД

10.09.2015 год.

Како резултат на студиската посета во Исланд, произлегоа голем број иницијативи, заклучоци и стекнати искуства. Изнесуваме дел од нив: Проектите и проектните активности што ги спроведуваат општините во Р. Македонија, по примерот на градот Рејкјавик во Исланд, треба се разгледуваат преку призмата на родовото одговорно буџетирање (во понатамошниот текст: РОБ!). На кој начин? Поради тоа што станува збор за темелни анализи за кои општините или имаат или немаат содветни кадровски капацитети, потребно е да се искористат сите останати ресурси на локално и регионално ниво. Решение за оваа ситуација претставува склучувањето на Меморандум за соработка помеѓу општините и најблиските државни или приватни универзитети, кои во рамките на своите тековни истражувања (во склоп на студиските програми и активностите на студентите), можат да ги прават анализите. Бенефитот ќе биде повеќестран – и за општините и за надградбите на студентите и иновативноста на професорите. Општина Штип предничи со тоа што одличната соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, може да резултира со понатамошни заеднички и ефективни активности во овој поглед. Во Исланд се прави анализа на родовата перспектива во расчленувањето на буџетот! Притоа се дава одговор на прашањата: Кој ќе биде краен корисник од проектот? Дали тој проект носи бенефит за малцинските групи? Дали тој проект оди во прилог на поддршка на останатите целни групи? ... итн... Креирањето на платформата, односно блогот или вмрежувањето на лицата кои во општините се занимаваат со РОБ, исто така, беше извлечено како заклучок од оваа студиска посета што претставува еден од основните начини за пренесување на искуства. Неминовно е секоја општина да има Комисија за еднакви можности, Координатор за еднакви можности и најважно – да се формира соодветно Координативно тело во кое ќе биде вклучено по едно лице од секое општинско одделение (култура, образование, финансии, урбанизам, ЛЕР, комунални дејности итн.), со цел тоа тело координирано и систематизирано да ги разгледува сите општински проекти низ призмата на РОБ и да прави анализи (какви што се прават во Исланд). Во тоа тело пожелно е да членуваат и претставници од: граѓанскиот сектор, локалните и национални институции, подрачните единици, центри (со посебен акцент на Центарот за социјална работа), медиумите и претставници на останати целни групи од општеството. Тоа значи – институционализирање на целиот овој процес преку вклучување на сите сегменти од општинската асминистрација и локалната заедница во процесот на унапредување на РОБ на локално ниво!!! Во Исланд постои Управен комитет за родово одговорно буџетирање во кој Претседателот се назначува директно од Министерот, членството брои 11 лица од кои едни се работници, други работодавачи, трети – граѓани или здруженија на граѓани. Нивна задача е да вршат контрола на РОБ и да прават објективен увид на постоечката ситуација!!! Анализите и нивните резултати имаат, главно, интерна употреба, но со унапредување на односите со јавноста во областа на родово-одговорното буџетирање, нивниот пласман ќе биде поширок, медиумски покриен, поекспониран и поблизок до сите граѓани. Постојат голем број алатки во односите со јавноста со кои проектите би се афирмирале преку РОБ! При преземањето на било каква активност за да се унапреди родово-одговорното буџетирање во една општина, според искуствата во Исланд, не треба да се прави перцепција на проектите и активностите само преку родовата перспектива или преку доменот на еднаквите можности, туку да се тргне од многу пошироко гледиште и тоа – од аспект на почитување на човековите права!!!


м-р Милена Ристова-Михајловска Советник портпарол во Општина Штип

ПРИСУСТВО НА ЖЕНАТА ВО ПОЛИТИЧКИОТ ЕКОНОМСКИОТ И ОПШТЕСТВЕНИОТ ЖИВОТ ГО ПРАВИ И СИСТЕМОТ СЕНЗИТИВЕН НА РОДОВИ ПОТРЕБИ

10.09.2015 год.

Жените во високи стратешки позиции имаат одговорнст да го променат системот и многу е важно за тие жени кога ќе стекнат важни позиции да им помогнат и да ги подржат другите жени. Жените во високи политички функции се важни меѓутоа тоа не може да се преведе како равноправост и подобро застапување на потребите на сите жени, но повеќе жени во политиката полесно може да обезбедат поголем фокус во прашањата кои се важни за жените. Жените треба да бидат дел од реформската агенда како политичари, експерти, активисти, генератори на идеи и совесни гласачи. Моето две годишно искуство како градоначалник на општина Тетово ја оправдува мојата теза дека зголемувањето на самото присуство на жената во политичкиот економскиот и општествениот живот го прави и системот сензитивен на родовите потреби . Мојот кабинет е составен од 70% жени , секретарот на општина Тетово е жена , две од вкупно пет сектори на општината се водени од раководители жени . 40% на директорите на основните и средни училишта се жени а од вкупниот број вработени во општината овие две години 60% се жени. Со самото присуство на жените во раководните функции и во администрацијата другите жени имаат полесен пристап и се многу позаинтересирани да бидат дел од процесот на креирање политики и донесување одлуки. Ова во никој случај не значи дека мојата цел е феминизација на општина Тетово туку креирање на администрација и граѓани кои ќе бидат сензитивни за потребите на жените и мажите и кои меѓусебно ќе комуницираат на јазик неоптоварен со предрасуди и стереотипи. Општина Тетово е потписник на Европската повелба за родова равноправност во чии рамки во тек е изготовка на Акционит план за еднаквост меѓу жените и мажите . Со потпишувањето на Меморандумот за разбирање со UNWOMEN за реализација на регионалниот проект „Промовирање на родово одговорни политики во Југоисточна Европа, Фаза II“ општина Тетово е обврзана да ја воведе родовата перспектива во локалната развојна програма, да ја спроведе и следи преку примена на родовото одговорно буџетирање, да ги зајакне капацитетите на општинската администрација и советот на општината за заложбите кои произлегуваат од Законот за еднакви можности меѓу мажите и жените и да ја воспостави практиката на собирање на родово разделени податоци и интегрирање на родово одговорното буџетирање во буџетската политика на општината. Oпштина Тетово потпиша Меморандум за соработка со Фондот за поддршка на жени и млади претприемачки формиран во рамките на УСАИД проектот за експанзија на мали со цел зголемаување на производствените капацитети на бизниси предводени од жени , да создавање нови работни места подобување на локалната економија. Општина Тетово ја воведе родовата компонента во секоја културна манифестација, доделување на признанија и награди како и финансиска подршка на проекти од Невладиниот сектор. Затоа мислам дека националната легислатива и механизмите за постигнување на родова еднаквост во целокупниот општествен живот ќе бидат материализирани само ако постигнеме поголемо вклучување на жените во политичкиот, економскиот и културниот живот . На тој начин ќе придонесеме во отварањето на вистинската дебата дека жените и мажите често имаат различни потреби и приоритети а нивните потреби и приоритети се подеднакво важни , жените и мажите се соочуваат со различни пречки , имаат различни аспирации и придонесуваат кон развојот на различни начини кои се подеднакво важни и потребни за општеството .


Теута Арифи Градоначалник на Општина Тетово

Ние сме екипа!

14 Јуни 2016 год.

Во 2015 година и оваа 2016 имав чест да работам како менторка на државните службеници од општина Битола и Град Скопје. Тематски работев во двете области каде имам специјалност: родова еднаквост и јавни политики. Како човек кој работи на креирање политики веќе 15 години ми беше јасно со што ќе се соочам. Компетентни лица со многу искуство и знаење на кои им е потребно само мало освестување за родова еднаквост, охрабрување дека е време и е потребно да развиеме решенија кои ќе обезбедат еднакви можности за сите, да се даде ветар во крилата, да се подбутне агендата за родово сензитивно креирање на локалните политики да исплива на површина на политичката агенда на двете општини. Со оглед на целокупната политичка ситуација во земјата која иако не релевантна за локалната самоуправа има огромно влијание и на локално ниво се плашев дека поларизацијата ќе влијае на резултатите од менторирањето. Ќе има бојкот на било која иницијатива, ќе се вршат разни притисоци од неучество во развивањето на дизајнот на политиките за родова еднаквост до блокирање на нивното донесување од страна на советите. Но, овие две години и конкретно ова искуство на работа со администрацијата на општина Битола и Град Скопје ми потврдија дека работам со големи професионалци. Самите дојдени во различни периоди на владеење на различни партии, некои од нив и на високи политички назначени позиции како државни секретари, сегашни и бивши шефови на кабинети и сл., а други и директно избрани од граѓаните како нивни претставници на листите на политичките партии – советници во Советите; на работилниците за воведување на родовиот пристап во локалните политики и буџети дејствуваа единствено и посветено за целта – да се унапреди родовата еднаквост. Се работеше тимски, со сите сили, без исклучување на никого, ами со искористување на потенцијалите на секоја индивидуа заради постигнување на поголемата цел. И резултатите се тимски! Општина Битола усвои Стратегија за родова еднаквост и недискриминација. Тоа претставува прв сеопфатен документ со кој општината ги дефинира специфичните цели кои се сака да се постигнат во оваа област, но и платформата за акција која брои мерки и активности во седум под-сектори за реализација на специфичните цели. Општина Битола изгради капацитети на општинската администрација, но со Стратегијата се обврза на холистички пристап на имплементација. Со соработка и вклучување на сите релевантни чинители: медиуми, НВОа и политичките партии преку подигање на свест и градење на партнерство во реализацијата на мерките предвидени во Стратегијата во областите култура, образование, здравство, спорт, социјална заштита, трговија со луѓе и родово основано насилство. За таа цел се воведе родов пристап и во инструментите преку кои се реализираат мерките презентирани во стратегијата – формуларите за доделување на средства од буџетот на општина Битола и извештаите за спроведување на активностите финансирани од буџетот на општината. Град Скопје пак веќе петта година има Стратегија за родова еднаквост и е во завршна етапа на оваа фаза на градење капацитети и воспоставување на партнерства за реализација на платформата за акција и унапредување на родова рамноправност во градот. Затоа менторската програма ја искористија за да го прошират опсегот на родовата интеграција. Ако со прашањата врзани за родова еднаквост се бавеше главно секторот за социјална заштита и јавни дејности и интерсекторската група за родово буџетирање, со менторската програма се изградија капацитети во секторите образование, спорт, локален економски развој, правна служба, ИТ служба и секторот за односи со невладини организации. Родов пристап беше воведен во програмите за работа на секој од секторите, се изработија индикаторски рамки за следење на спроведувањето на програмите, а се воведе родов пристап и во инструментите преку кои се доделуваат средства за спроведување на програмските активности на Градот. Особено задоволство беше да се види дека интересот за родова еднаквост е на толку високо ниво во Град Скопје што членови на кабинетот на Градоначалникот беа активно вклучени во менторската програма. Ваквата голема посветеност резултираше и со нови иницијативи кои суштествено може да го изменат начинот на донесување на одлуки преку воведување на родов пристап во програмирањето и буџетирањето не само во Градот туку и општините кои го сочинуваат Град Скопје. Се изработи и евалуација на постигнувањата на Стратегијата за родова еднаквост но и се поставија тимски новата визија, мисија и специфични цели на новата Стратегија на градот за родова еднаквост. Тимот на град Скопје успеа и да од необични нешта креира лого за родова еднаквост на Градот. Од понудените четири опции долу тимски ја избраа првата (лево) како најсоодветен приказ на визијата – Кон родово еднаков град! Тимската работа се покажа како многу продуктивна, забавна и пријатна за сите вклучени страни и во двете општини. А работата на родовата еднаквост се покажа како повисока обединувачка цел на сите кои се различни и поделени по повеќе прашања. Јас како менторка бев прифатена и од општина Битола и од Град Скопје како дел од нивниот тим. Им благодарам за незаборавното искуство. Ние сме екипа!


Марија Ристеска

ШТО НАУЧИВМЕ ОД ОВОЈ ПРОЦЕС

2017 - 2020

Општина Струмица, една од најпросперитетните општини во Република Македонија го завршува процесот на подготовка на Стратегија за унапредување на родовата еднаквост 2017-2020. Стратегијата има за цел да даде една нова димензија во работата на локалната самоуправа, а тоа е интегрирање на родовите прашања во процесите на креирање на локалните политики и буџети во сите сфери и надлежности кои ги покрива општината. За време на работилниците особено внимание беше посветено на идентификување на причините и процесите кои ги ставаат жените во понеповолна позиција, а кои се резултат на социо- економските диспаритети, чие надминување може да придонесе кон подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани во општината. Користејќи ги веќе познатите алатки на стратешко планирање, а тоа е идентификување на проблемите во овој регион, преку барање решенија за нивно надминување, дефинирање на среднорочни стратешки цели, мерки и активности, оценка на влијанијата и ризиците во имплементација на овој план и конечно преку алокација на соодветни средства за нивна имплементација, овој процес успешно привршува. Стратегијата се темели на „двоен приод“ кон прашањата на еднаквоста кој од една страна има за цел да ги вклучи родовите концепти во сите програми и политики на општина Струмица, но и да поддржи програми кои имаат за цел зајакнување на свеста за овие прашања и директи акции за поддршка на жените. Главните области на кои ќе бидат насочени идните стратешки акции на Општина Струмица во овој сегмент се однесуваат на економското зајакнување на жените, преку афирмација на можности за самовработување, особено во областа на земјоделието и мерки кои ќе обезбедат поголема флексибилност и сигурност за жените; родово одговорно образование и мерки за превенција на малолетни бракови; борба против родово базирано насилство; поддршка на граѓанските организации во промоција на родовата еднаквост; стратешки мерки за зајакнување на капацитетите за родово одговорно буџетирање итн. Што научивме од овој процес? Од позиција на менторки кои ја водеа Општина Струмица низ овој значаен процес подржан од регионалниот проект кој го спроведува UN women (Промоција на родово одговорни политики во југоисточна Европа и Р.Молдавија), би сакале да истакнеме неколку клучни работи кој го направија ова искуство особено значајно, а соработката исклучително успешна. Прво, посветеноста на вработените во администрацијата е клучен императив во процесот на креирање и имплементација на родово одговорни локални политиките. Квалитетот на локалната администрација претставува клучен фактор преку кој се унапредуваат односите со граѓанините и придонесува за развојот на заедницата и општеството во целина. Оттука, администрација која е родово сензибилизирана ги препознава потребите и интересите на мажите и жените во општината е прв и основен предуслов за успешна имплементација на родово сензитивни политки. Второ, капацитетите на координаторите за родова еднаквост, нивниот личен ангажман, посветеност и нивната умешност да ја доловат важноста за овие прашања пред носителите на одлуки, да обезбедат интерскторска комуникација и координација се клучна карика во овој процес. Трето, поддршката на советниците за интеграција на родовите прашања во локалните политики е неопходен предуслов за промовирање на поефективни програми, во кои се препознава дека постигнувањето на поголема родова рамноправност и справување со постојаните нееднаквости, многу често, значи да се работи различно со жените и мажите, да се препознаат различните пречки со кои тие се соочуваат, но и различните потреби, приоритети и аспирации. И последно, улогата на граѓанскиот сектор како спона помеѓу граѓаните и локалната власт и артикулирање на нивните потреби, се и треба да бидат задолжителна компонента во процесот на креирање на локалните политики. Видувањата на овие клучни актери и нивниот ангажман во креирањето на локалната стратегија за родова еднаквост на Општина Струмица, низ заеднички дебати, работилници и средби, сите подеднакво посветени на овој процес, резултираа со изработка на тригодишна стратегија, која набргу ќе биде доставена пред надлежните органи на општината на нивно усвојување.


Неда Малеска-Сачмароска

Граѓаните и граѓанките ги креираат политиките и буџетот на општина Струмица

08.07.2016 год.

Преку процесот на менторство во Општина Струмица можеше да се забележи дека администрацијата ги следи своите законски обврски, како и согласно своите надлежности, во своето тековно работење, но и при реализација на општински проекти секогаш го има во предвид остварувањето на принципот на еднаквост и еднаквите можности за сите, еднаков третман и забрана на секаков вид дискриминација. Поддршката при процесите во општината се одвиваа многу лесно и даваа резултати затоа што се забележуваше дека има долга пракса во употреба на методи на активно учество на граѓаните и граѓанките при креирање на локалните програми и стратегии во општината. Општината практикува политиките и документите да ги дефинира на партиципативна основа, со претставници на засегнати страни (граѓани/нки, Здруженија на граѓани, месни заедници, бизнис сектор, советници) зависно од стратешкиот документ кој се подготвува. Во тие процеси се трудат да бидат блиски до целната група за да се артикулираат потребите на целната група со цел поголема ефикасност при реализацијата. Увидовме дека консултациите со засегнатите страни се одвиваат преку секојдневни контакти со градоначалникот, организирање форуми во заедниците, јавни собири, активирање на граѓаните преку месни и урбани заедници, собирање информации по населени места и градски урбани заедници за да се осознаат нивните потреби. При ваквата пракса во 2015 година почнува да се води родова статистика. Сите овие податоци и процеси ни помогнаа во градење на новата стратегија за родова рамноправност 2017-2020 која треба да биде усвоена од страна на Советот на општина Струмица во септември 2016. Иако општината е родово сензитивна и овој аспект се препознава во локалната заедница, сепак усвојувањето на Декларација за родова рамноправност и вклучување на родовата перспектива во сите актуелни стратегии се чекори кои ќе ги преземат до крајот на годината кои се дел од менторската програма. Општина Струмица како успешен пример за правилно вклучување на граѓаните во процесот на креирањето на општинските политики и практики и можноста за нивно партиципативно учество во креирањето на општинскиот Буџет, во 2015 година е дел од Програмата „Форуми во заедницата“ и спроведување на Буџетски форум. На ваквите Форуми во заедницата пред се’ се внимава бројот на жените да биде еднаков или поголем од бројот на мажите, како и бројот на иницијативите со цел да се постигне еднаква можност на презентирање на потребите и на жените и на мажите. За приоритетен проект од Буџетскиот форум во општина Струмица во 2015 година е избран проектот START UP- бизниси за млади до 29 години, чија имплементација се очекува до 2017 година. Како интервенција од страна на менторскиот тим беше овој проект кој е дел од Стратегијата за локален економски развој (2017-2020) да има родова компонента и да се постават индикатори кои ќе се однесуваат на мажите и жените. Стратегијата беше усвоена со вклучена родова перспектива. Во 2015 година родовата компонента е интегрирана во донесените Стратегии од областа на Образование, Млади, Социјална заштита и Граѓански сектор (2016-2020) како и во Акциските планови (2015-2017) кои произлегуваат од самите Стратегии, методологијата за доделување на финансиска поддршка на проекти од здруженија и фондации од буџетот на Општина Струмица. Сето ова придонесува за родово одговорно распределување на средствата, кое продуцира поголема транспарентност и одговорност на локалниот/општински буџет од аспект на родова рамноправност.


Мила Царовска